ВМРО-ДПМНЕ упати критики до СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче, обвинувајќи ги дека немаат јасна економска стратегија и конкретен план за развој на македонската економија.
Од владејачката партија велат дека најавите за повисоки плати и подобар животен стандард мора да бидат придружени со реални мерки за зголемување на продуктивноста, привлекување инвестиции, отворање нови работни места и развој на индустријата.
„Граѓаните имаат право да знаат како ќе се создаде економската основа за повисоки плати – кои инвестиции ќе се привлечат, кои индустрии ќе се развиваат и како ќе се зголеми конкурентноста на македонската економија“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата го обвинуваат СДСМ дека се спротивставува на нови инвестиции и проекти, меѓу кои ги посочуваат дата-центрите и рударските проекти, без притоа, како што велат, да понуди конкретни алтернативни решенија за економскиот напредок.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека нивниот фокус останува насочен кон создавање услови за нови инвестиции, отворање фабрики и работни места, како и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
