И власта и опозицијата велат дека се подготвени за избори, но дали и кога Македонија ќе оди на предвремено гласање засега останува неизвесно.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека на граѓаните во моментов им се поважни реформите и континуитетот на владините политики, но доколку опозицијата побара предвремени избори, власта ќе го прифати предизвикот.
Од СДСМ, пак, велат дека нема да бидат алиби на Владата и најавуваат мастер-план со кој ќе настапат пред граѓаните без разлика кога ќе се одржат следните избори. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека планот ќе биде претставен следниот месец и ќе ги содржи клучните ветувања на партијата доколку повторно ја добие довербата.
Предвремени парламентарни избори бара и ДУИ, од каде оценуваат дека Владата го загубила легитимитетот и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат. Од ДУИ сметаат дека доколку понудата на Мицкоски за избори е сериозна, нема причина тие да се одложуваат.
Партијата бара изјавата на премиерот да се претвори во конкретен политички чекор и Собранието да се распушти.
Така, иако сите поголеми политички блокови тврдат дека се подготвени за изборно соочување, засега никој не открива дали навистина се оди кон предвремени избори и кога тие би можеле да се одржат.
