Очите на граѓаните се вперени во рафтовите по маркетите. Ги следат цените. Ќе растат или ќе останат во рамките на постојното?
Владата се обидува да ја смири јавноста дека ќе нема бран на поскапувања, но опозициската СДСМ како да се труди ситуацијата да ја прикаже што е можно подраматична.
Има ли потреба од драматизирање?
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве упорно повторува дека драматизирањето е непотребно, па дури и штетно. Владата состојбата внимателно ја следи и преку директни средби со големите маркети, дистрибутерите на нафта и бензинските компании се прави обид да се спречи евентуален ценовен шок. Но од СДСМ е упорни! Со по неколку соопштенија дневно обвинува дека Владата не прави ништо.
По средбата со претставниците на маркетите, Мицкоски порача – цените треба да останат фер и да нема профитерство на грбот на граѓаните. Државата, како што вели, нема без причина да интервенира во пазарот, но нема ни да дозволи некој да ја злоупотреби ситуацијата и неоправдано да ги зголеми цените. Од Владата уверуваат и дека снабдувањето со гориво е стабилно, а Македонија има меѓу најниските цени на горивата во регионот.
И на ова СДСМ повторно ја избира старата политичка тактика – драматизирање и ширење паника. Наместо аргументи и предлози, јавноста слуша познато обвинување дека „владата не прави ништо”.
Дали таквата реторика ќе донесе пониски цени? Тешко, дури може да создава чувство дека поскапувањата се неизбежни. А кога политиката почнува да шири паника наместо решенија, тогаш најчесто станува збор за политичка пресметка, а не за вистинска грижа за стандардот на граѓаните.
