Ќе може да се пуши на летните тераси во рестораните и кафулињата, само ако се отворени од двете страни. Ова е отстапката што ја направила Владата по состанокот со претставниците на Туристичко-угостителската комора. Претходно, предлог закон предвидуваше терасата да биде отворена од три страни.
Измената доаѓа по укажувањата дека голем дел од угостителите немаат реални услови да обезбедат отворање на терасите од три страни. Останува забраната за пушење во затворени простории, а угостителите ќе имаат рок од една година за да ги прилагодат своите објекти на новите прописи.
Од Комората побарале законот да се спроведува доследно и неселективно, за да има еднакви услови за сите угостители. Наскоро предлог законот треба да биде усвоен од Владата, а потоа и да се гласа во Собранието.
