Тензично беше денеска во Тирана, каде што протестите пред Министерството за образование прераснаа во судири меѓу демонстрантите и полицијата. Поддржувачи на албанската Демократска партија, кои се приклучија на студентските протести, фрлаа камења кон зградата на Министерството, палеа контејнери и столици, а полицијата интервенираше со водени топови и, според локалните медиуми, со гумени куршуми.
Нередите избувнаа за време на протестниот собир организиран како поддршка на студентите, кои веќе 12 дена протестираат поради состојбата во образовниот систем, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите.
Пред почетокот на протестот, поддржувачите на Демократската партија запалија столици поставени пред зградата на Владата, кои премиерот Еди Рама претходно ги остави како симболична покана за дијалог со студентите.
И покрај ескалацијата на протестите, Рама повторно повика на разговори. На социјалните мрежи објави видео од просторот пред неговата канцеларија, каде што на камена маса беа поставени листови со натпис „дијалог“, повторувајќи ја пораката дека е подготвен за средба со студентите.
Студентите, сепак, и натаму ги одбиваат повиците за разговор, а нивните првични барања поврзани со образованието во меѓувреме прераснаа во пошироки антивладини протести, на кои се бара и оставка од премиерот Еди Рама.
