Ноќта меѓу 24 и 25 октомври 2026 година завршува летното сметање на времето, а почнува зимското. Во 03:00 часот стрелките на часовниците ќе се вратат еден час наназад, односно времето ќе биде 02:00 часот.
Со ова започнува стандардното средноевропско време (CET). Промената значи дека утрата ќе бидат посветли, но сончевата светлина ќе исчезнува порано во попладневните часови.
Иако многумина сметаат дека враќањето на часовникот носи дополнителен час сон, научните истражувања покажуваат дека човечкиот организам не се приспособува секогаш лесно на промената. Истражувачи од Универзитетот во Британска Колумбија во Канада укажуваат дека постојаното стандардно време би можело да има поповолно влијание врз здравјето и биолошкиот ритам на луѓето.
Прашањето за укинување на сезонското менување на времето со години се разгледува во Европската Унија. Во 2018 година, јавните консултации покажаа дека голем дел од граѓаните се изјасниле за прекин на оваа практика.
Европскиот парламент во 2019 година го поддржа предлогот на Европската комисија за укинување на промената на часовникот, со план таа да започне да се применува од 2021 година. Сепак, одлуката остана блокирана во Советот на ЕУ поради несогласувањата меѓу земјите-членки околу тоа дали трајно да се задржи летното или зимското време.
Различните одлуки на државите би можеле да создадат проблеми во транспортот, економијата и секојдневното функционирање на европскиот пазар, што дополнително го забави донесувањето конечна одлука.
