Косово планира да формира национална авиокомпанија со јавен капитал, но засега нема конкретни информации колку би чинел проектот, на кој начин би се финансирал и со какви партнери би се реализирал.
Најавата ја даде премиерот Албин Курти, кој пред косовскиот парламент на 13 септември ја претстави владината програма за следниот четиригодишен мандат. Тој посочи дека ќе започне процес за создавање авиокомпанија со јавно учество, во соработка со домашни и странски компании од воздухопловната индустрија.
„Во рамките на мандатот, ќе го започнеме процесот за воспоставување авиокомпанија со јавен капитал, во партнерство со важни актери од воздухопловната индустрија во земјата и во странство“, изјави Курти.
Идејата за создавање национален авиопревозник не е нова во Косово. Сличен предлог имаше и Демократскиот сојуз на Косово во изборната програма за парламентарните избори во 2025 година. Тогаш беше предложен модел на јавно-приватно партнерство со флота од четири до осум авиони, со главен фокус на линиите кон земјите каде живее косовската дијаспора.
Според тој модел, почетната инвестиција би изнесувала околу 170 милиони евра, од кои 70 милиони би обезбедила државата, а остатокот би дошол од приватни инвеститори.
Сепак, некои поранешни функционери сметаат дека реалните трошоци би можеле да бидат значително повисоки. Поранешниот министер за трговија и индустрија Исмет Мулај проценува дека за воспоставување стабилна авиокомпанија би биле потребни стотици милиони евра, зависно од тоа дали авионите би биле купени или изнајмени.
Според неговите проценки, доколку авионите се изнајмуваат, инвестицијата би можела да се движи меѓу 300 и 400 милиони евра, додека купување сопствена флота би барало уште поголеми средства.
Мулај оценува дека ваков проект би бил сериозен товар за косовскиот буџет и дека најавата има повеќе политички отколку економски карактер.
Од друга страна, Владата на Косово најавува дека покрај формирањето авиокомпанија, ќе инвестира и во образование, обука и сертификација на кадри за потребите на цивилното воздухопловство.
Меѓународниот монетарен фонд во своите препораки за Косово укажува на потребата од повнимателно управување со јавните инвестиции, проценка на фискалните ризици и поголема транспарентност при изборот на големи проекти.
