Израелските власти наредија подготовка за целосно затворање на окупираниот Западен Брег, откако израелската армија уби двајца Палестинци за кои тврдеше дека биле вмешани во „терористички напад“ во близина на градот Хеброн.
Според службите за итни случаи, во инцидентот биле повредени најмалку пет лица, од кои дел се во критична состојба и биле пренесени во болница.
Неколку часа по престрелката, кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека на безбедносните сили им било наредено веднаш да го блокираат Хеброн и да се подготват за пошироко затворање на целиот Западен Брег.
Претходно, израелската војска информираше дека спречила „терористички напад врз израелски цивили“, но не објави детали за тоа која била целта на нападот, ниту ги соопшти идентитетите на загинатите и повредените.
По инцидентот, армијата поставила дополнителни блокади на патиштата и вовела ограничувања за движењето во повеќе палестински населени места во областа.
Случувањата се одвиваат во чувствителен политички период за Израел, бидејќи тамошните гласачи следниот вторник ќе одлучуваат дали Бенјамин Нетанјаху ќе добие нов премиерски мандат или земјата ќе влезе во нова политичка фаза.
Изборите се одржуваат три години по нападот предводен од Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, по кој започна војната.
Во пресрет на годишнината од нападот, Нетанјаху изјави дека Хамас би можел повторно да изврши напад со цел да влијае врз изборниот процес. За ова тврдење, израелскиот премиер не изнесе конкретни докази.
