Кристијано Роналдо не сака да одигра официјален проштален натпревар за португалската репрезентација, иако Фудбалската федерација на Португалија планира да му организира посебно испраќање на еден од најголемите играчи во историјата на националниот тим.
Според лисабонскиот весник „Обсервадор“, Федерацијата сепак ќе му оддаде признание на својот долгогодишен капитен, а начинот на кој ќе биде реализирана почитта кон Роналдо дополнително ќе биде утврден. Претседателот на Федерацијата, Педро Проенса, порача дека вратите на организацијата секогаш ќе бидат отворени за фудбалерот.
Медиумот наведува дека бил планиран телефонски разговор меѓу Роналдо и селекторот Жорже Жезуш, со посредство на Проенса, но до него не дошло. Според информациите, напаѓачот немал желба за разговор со селекторот.
Роналдо му соопштил на претседателот на Федерацијата дека во овој момент нема намера повторно да настапува за репрезентацијата, а таа порака била пренесена до Жезуш. Сепак, селекторот не планира да се откаже од капитенот и најавил дека ќе продолжи да го повикува сè додека е физички подготвен.
Одлуката на Роналдо доаѓа откако тој очекувал дека суспензијата по напуштањето на репрезентативниот камп во октомври ќе го спречи неговото враќање во тимот до март. Бидејќи едномесечната казна истекла на 30 октомври, тој повторно бил достапен за селекцијата.
Наместо само да одбие нов повик, Роналдо, според „Обсервадор“, одлучил да стави крај на својата репрезентативна кариера.
