Украинските сили синоќа извршиле напади со дронови врз голема рафинерија за нафта во Ленинградската област и врз воздухопловна база во Краснодарскиот крај, објавија украински медиуми повикувајќи се на руски и телеграм-канали. Во рафинеријата „Киришинефтеоргсинтез“, позната како КИНЕФ и една од најголемите во Русија, по нападот избувнал пожар.
Гувернерот на Ленинградската област Александар Дрозденко потврди дека во близина на рафинеријата паднал дрон и предизвикал пожар, наведувајќи дека над регионот биле соборени вкупно 62 беспилотни летала. Истовремено, според извештаите, била нападната и воздухопловната база во градот Јејск во Краснодарскиот крај, каде што очевидци пријавиле серија силни експлозии.
Украински дронови биле забележани и над Смоленската област, каде што биле активирани сирените за воздушна опасност, но засега нема потврда дека биле погодени конкретни цели. Експлозии во текот на ноќта биле пријавени и во Брјанската област, но локалните власти сè уште не ги коментирале информациите, а дел од наводите не можат независно да се потврдат.
Украина во последните месеци ги засили нападите врз руската воена, енергетска и логистичка инфраструктура длабоко на руска територија, со образложение дека целта е намалување на способноста на Москва за продолжување на војната. Само една ноќ претходно беа погодени магацин на интернет-продавницата „Озон“ во Ростов на Дон, како и, според украинскиот Генералштаб, објекти за складирање, подготовка и лансирање дронови на окупираните територии во Украина.
