Германските власти уапсија двајца ирачки државјани под сомнение дека учествувале во подготовка на терористички напади врз објекти поврзани со Соединетите Американски Држави и еврејската заедница во Европа, меѓу кои и синагоги.
Информацијата ја потврди Канцеларијата на главниот државен обвинител во Карлсруе, од каде што соопштија дека уапсените Мостафа Ал Р. и Амир Ј. се осомничени за членство во терористичка организација и подготовка на терористички напади.
Според германското обвинителство, двајцата осомничени одржувале блиски контакти со проиранската организација ХАЈИ, која се поврзува со повеќе напади врз објекти поврзани со САД, Израел и еврејските заедници на европска територија.
Истражните органи се сомневаат дека уапсените основале подружница на организацијата во Германија и учествувале во регрутирање лица за извршување терористички напади.
Во рамките на истрагата, германските власти испитуваат и случаи на планирани напади врз синагоги во Келн и во уште еден европски град, кои не биле реализирани.
Паралелно со апсењата во Келн и Хајделберг, германските безбедносни служби спровеле претреси на уште 17 локации низ земјата.
Акцијата на германското обвинителство била спроведена врз основа на информации добиени од Канцеларијата за заштита на уставниот поредок, германската служба задолжена за внатрешно разузнавање.
Истрагата продолжува со цел да се утврди целосниот обем на активностите на осомничените и нивната евентуална поврзаност со други лица и случаи на терористички активности во Европа.
