Второто основно јавно обвинителство во Белград побара определување мерка притвор за Драган Ј. Вучичевиќ, сопственик и главен уредник на српскиот весник „Информер“, кој беше уапсен под сомнение за сторени две кривични дела.
Предлогот за определување притвор бил доставен до надлежниот суд по сослушувањето на Вучичевиќ во обвинителството.
Јавната обвинителка и портпаролка на Второто основно јавно обвинителство во Белград, Тијана Ле Ру, во изјава за српскиот весник „Данас“ потврдила дека притворот е побаран поради опасност од повторување на кривичното дело.
Вучичевиќ беше уапсен вчера по налог на обвинителството, поради постоење сомнение дека ги сторил кривичните дела „предизвикување паника и неред“ и „попречување на правдата“.
По апсењето, на сопственикот и главен уредник на „Информер“ му беше определено задржување во траење до 48 часа, по што беше сослушан пред надлежното обвинителство.
Рокот за неговото задржување истекува утре во 10 часот, а надлежниот суд треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор.
Конечната одлука за натамошниот статус на Вучичевиќ ќе ја донесе судот.
