Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Соединетите Американски Држави се приближуваат кон отворање нова воена база во Полска, истакнувајќи дека проектот напредува благодарение на соработката со полскиот претседател Карол Навроцки.
Во објава на својата социјална мрежа „Truth Social“, Трамп ја поздрави, како што наведе, силната поддршка од полското раководство за реализација на оваа иницијатива.
„Одлични вести! Благодарение на храброто раководство на мојот пријател Карол Навроцки, претседателот на Полска, се постигнува голем напредок кон воспоставување база на американската армија во Полска“, напиша Трамп.
Набргу потоа, неговата објава беше споделена и од официјалниот профил на Белата куќа на социјалната мрежа „Икс“, што дополнително ги засили очекувањата дека проектот ќе биде реализиран.
Најавата доаѓа во период кога претходно беше соопштено дека САД планираат да го намалат бројот на своите војници распоредени во Германија, а дел од тие сили да бидат пренасочени кон источното крило на НАТО, вклучително и во Полска.
