Две лица го загубија животот, а тројца се повредени во тешка сообраќајна несреќа што синоќа се случила на автопатот Куманово – Скопје, во близина на селото Агино Село.
Според информациите од Секторот за внатрешни работи Куманово, несреќата била пријавена околу 21:35 часот. Во судирот учествувале патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 65-годишен жител на Скопје, и „опел корса“, исто така со скопски таблички, зад чиј волан бил 27-годишен скопјанец.
На местото на несреќата животот го загубиле двајца сопатници од „опел корса“ – 49-годишна жена и 71-годишно лице, двајцата од Скопје.
Во несреќата тешки телесни повреди добила 48-годишна сопатничка од истото возило, додека 27-годишниот возач и уште една 28-годишна сопатничка се здобиле со телесни повреди. Повредените биле пренесени на лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото извршила екипа на СВР Куманово во координација со јавен обвинител. По негова наредба, возачот на „мерцедесот“ бил лишен од слобода, а по целосното расчистување на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во интервенцијата учествувале и пожарникари од Територијалната противпожарна единица, кои помогнале при обезбедувањето на местото на несреќата.
