Тешка сообраќајна несреќа со смртни последици се случи вечерва на автопатот кај Атина, откако автомобил излетал од патот и со голема брзина удрил во наплатна рампа.
Несреќата се случила на обиколницата Имитос, на делницата од автопатот Атики Одос, во правец кон атинскиот аеродром.
Според информациите на грчките медиуми, со возилото управувал 70-годишен маж, кој по силниот удар останал заглавен во автомобилот. На местото веднаш пристигнале противпожарни екипи, кои со специјална опрема успеале да го извлечат возачот.
Мажот бил во бесознание и итно бил пренесен со амбулантно возило во болницата „Г. Гениматас“, но лекарите не успеале да го спасат и ја констатирале неговата смрт.
Во спасувачката акција учествувале десет пожарникари со три противпожарни возила.
Засега не е познато што ја предизвикало несреќата. Надлежните служби вршат увид и ги истражуваат околностите под кои возачот изгубил контрола над возилото и завршил директно во наплатната рампа.
Поради тешката сообраќајка бил нарушен сообраќајот на оваа делница, која води кон меѓународниот аеродром во Атина. Грчката полиција продолжува со истрагата за да ја утврди точната причина за трагедијата.
