Тирана е прогласена за најповолна европска дестинација за есенско градско патување во новото истражување на туристичката агенција „Thomas Cook“, кое опфатило 51 популарна дестинација. Истражувањето покажало дека во 18 од анализираните градови туристите можат да поминат еден ден со помалку од 117 евра по лице.
На врвот е главниот град на Албанија, каде што просечните дневни трошоци во септември изнесуваат околу 60 евра, па тридневен престој би чинел приближно 180 евра. За споредба, три дена во Амстердам би чинеле околу 1.070 евра, односно приближно 357 евра дневно. Во Тирана просечната цена на влезниците за туристичките атракции е околу пет евра, традиционален оброк може да се најде за околу осум евра, а просечно ноќевање на почетокот на септември чини околу 32 евра по лице. Меѓу најпознатите места за посета се плоштадот „Скендербег“, џамијата „Етем Беј“, Националниот историски музеј и Новиот базар, додека за љубителите на природата атрактивна е планината Дајти.
На второто место на листата е Букурешт, каде што просечниот дневен буџет изнесува околу 67 евра по лице, а вечера во ресторан може да се најде за околу 12 евра. Трета е турската Анталија со околу 78 евра дневно и со едни од најниските цени на храната меѓу анализираните дестинации. Варшава е четврта со просечен дневен трошок од околу 80 евра, додека Истанбул е на петтото место со околу 83 евра.
Меѓу десетте најповолни се и турската Мугла и полскиот Краков, каде што дневно се потребни околу 89 евра. Вилнус во Литванија и Франкфурт во Германија следуваат со просечен буџет од околу 91 евро дневно. Листата на десетте најевтини европски дестинации за есенско патување ја заокружува францускиот Лион, каде што според истражувањето на туристите им се потребни околу 92 евра дневно.
