Рускиот претседател Владимир Путин разговарал телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп за војната во Украина и ситуацијата на Блискиот Исток, соопшти Кремљ. Според руските власти, Путин предложил привремено примирје по повод Денот на победата на 9 мај, а Трамп ја поддржал иницијативата.
Разговорот траел околу час и половина и бил фокусиран на мировните напори, но Москва одбива целосно и безусловно примирје какво што бара Киев. Украинските власти тврдат дека Русија и претходно ги прекршувала договорените прекини на огнот.
Во меѓувреме, Русија најави дека годинашната парада на 9 мај ќе се одржи без тенкови и тешка воена опрема.
Трамп изразил уверување дека договор за крај на војната е блиску, додека Путин истакнал дека руските сили напредуваат, но Москва претпочита решение преку преговори.
Американските напори за мир се во застој поради несогласувањата околу териториите, а вниманието на Вашингтон во меѓувреме се префрла кон Блискиот Исток.
