БИТЕФ, еден од најзначајните светски традиционални меѓународни театарски фестивали во Белград со децениска историја и силно европско влијание, годинава доби своја герилска паралела – „НеБИТЕФ“. Оваа неформална културна платформа се појави како реакција на институционалните компромиси, политичките притисоци и ограничувањата што, според организаторите, сè почесто ја ограничуваат уметничката слобода.

На годинешниот „НеБИТЕФ“, театарот целосно се ослободи од амбицијата за чиста естетска форма и директно навлезе во срцето на политичката и моралната реалност. Централно место ја зеде претставата „Процесот Пелико“, во режија на Мило Рау, која претставува длабоко потресно сценско сведоштво за системското насилство, репресијата и понижувањето на човековото достоинство. „НеБИТЕФ“ се наметна како јасен културен чин на отпор – гласен крик против ерозијата на уметноста и институциите – потсетувајќи дека театарот и понатаму може да биде простор на вистина, совест и директна општествена конфронтација.
