Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека изборите во Србија ќе се одржат или на 12 јули или помеѓу октомври и крајот на ноември оваа година.
Тој најави дека препораките на ОДИХР ќе бидат целосно усвоени во Народното собрание, како и одлуките на Венецијанската комисија кога станува збор за судството.
„Сè што сте побарале, ќе го добиете, а потоа народот ќе има можност да каже што мисли за сè и каква иднина сака. Дали сакаат враќање во минатото, дали сакаат враќање во празни фабрики, во одземање работни места, предаторска приватизација, понатамошно губење на територија како што имавме од 2000 до 2012 година, или сакаат да продолжат по патот на развој и просперитет. Мислам дека пред народот ќе има прилично јасен избор“, рече Вучиќ.
Тој синоќа изјави и дека во споредба со истражувањето за поддршка на политичките партии од агенцијата Фактор Плус, кое беше објавено вчера, постои малку поинакво истражување, за кое смета дека е попрецизно.
„Ги почитувам овие луѓе, тие се луѓе кои прават истражувања. Имате такви кои објавуваат истражувања, но не ги прават. Овие луѓе ги прават од Фактор Плус. Јас имам малку поинакво истражување за кое верувам дека е поточно“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк кога беше замолен да ги коментира резултатите од анкетата на јавното мислење на Фактор Плус, според која, доколку парламентарните избори се одржаа во недела, Српската напредна партија ќе освоеше 46,4 проценти, додека Студентската листа – Владан Ѓокиќ ќе имаше 28,7 проценти од гласовите.
