Синоќа пред полноќ, во Загреб се запали претпоследниот кат од облакодерот „Вјесник“, а пламенот се прошири и на неколку други ката од зградата.
Според информациите од загрепските пожарникари, во гаснењето се вклучени 66 пожарникари со 20 возила, додека внатрешната интервенција е прекината поради зголемена опасност.
„Пожарот е и понатаму активен и се шири преку конструкциските отвори. Поради зголемен ризик, пожарникарите се повлечени,“ соопштија од пожарникарската служба на Загреб.
Според досега достапните информации пламенот зафатил неколку ката, а густ црн чад се издига над делот од градот во близина на Славонска авенија, која е целосно блокирана за сообраќај. Очевидци јавуваат дека се слушало кршење на стакло, а пламенот се ширел вертикално преку вентилационите отвори и техничките канали, што претставува особено голем ризик за целата конструкција.
Градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ утрово изјави дека на голема жал, штетата е многу голема и дека по санирањето на пожарот ќе се одлучува дали облакодерот ќе се руши или ќе се реконструира.
Во моментот на избивањето на пожарот во зградата немало луѓе, но состојбата на теренот, според извештаите, „и натаму изгледа лошо“, а гаснењето се уште трае. Нема информации за повредени или евентуални жртви.
