Облачно време со повремени врнежи од дожд, снег и значително заладување се очекува во Македонија во текот на викендот. На планините ќе се формира нова снежна покривка до 20 сантиметри, а снег се очекува и на дел од повисоките населени места.
Утре врнежите локално ќе бидат пообилни, со количество над 30 литри на квадратен метар за 24 часа, додека на планините ќе врне снег.
Во попладневните часови, под влијание на продор на постудена воздушна маса од север, врнежите од дожд на некои од повисоките места ќе преминат во снег.
Ќе дува умерен северен ветер, кој во североисточните делови од земјава и долж Повардарието повремено ќе биде засилен до силен.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 10 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 5 до 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови дождот да премине во снег.
Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во одредени делови од Скопската Котлина повремено ќе се засилува. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 8 степени.
Во текот на викендот ќе се задржи облачно и врнежливо време. Поради продорот на постуден воздух од север, врнежи од дожд и снег ќе има и во некои од пониските места, додека на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег.
На планините се очекува формирање нова снежна покривка со висина до 20 сантиметри, додека на повисоките места снежната покривка ќе изнесува од 2 до 10 сантиметри.
Врнежите се очекува да престанат кон крајот на неделата, а од понеделник ќе настапи период на стабилно, но студено време.
