Македонија се соочува со сериозни демографски и економски предизвици, кои се одразуваат врз пазарот на труд и расположливата работна сила. Во третото тримесечје од 2026 година во земјава се родиле 4.160 деца, а починале 4.807 лица, со што е регистриран негативен природен прираст од 647 жители.
Истовремено, најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека речиси секој четврти економски активен млад човек е невработен, додека повеќе од 723.000 граѓани се надвор од пазарот на трудот. Паралелно со овие состојби, Владата утврди годишна квота од 10.000 дозволи за ангажирање странски работници, со цел да се одговори на недостигот од работна сила.
Според статистичките податоци за третото тримесечје од 2026 година, вкупното работоспособно население во Македонија изнесува 1.521.586 граѓани. Од нив, 708.182 се вработени, додека 89.593 лица се водат како невработени.
Стапката на невработеност кај населението на возраст од 15 до 74 години изнесува 11,2 проценти, но податоците покажуваат значителни разлики меѓу различните возрасни групи, како и меѓу мажите и жените.
Особено загрижувачки е податокот дека 723.811 граѓани се категоризирани како неактивно население, односно лица кои ниту се вработени ниту активно бараат работа.
Неактивноста е значително поизразена кај женската популација. Според Државниот завод за статистика, надвор од пазарот на трудот се 439.015 жени и 284.796 мажи. Вкупната стапка на активност кај населението на возраст од 15 до 89 години изнесува 52,4 проценти.
Дополнителен предизвик претставува високата стапка на невработеност кај младите. Кај населението на возраст од 15 до 29 години таа достигнува 24,8 проценти, при што кај младите мажи изнесува 26,9 проценти, а кај младите жени 21,7 проценти.
И додека речиси една четвртина од економски активните млади не успеваат да најдат работа, македонското стопанство се соочува со недостиг од работници, поради што се зголемува потребата од ангажирање работна сила од странство.
Во второто тримесечје од 2026 година стапката на невработеност изнесувала 11,3 проценти, што покажува дека во последните месеци нема позначителни промени, и покрај тешкотиите со кои се соочуваат работодавачите при обезбедувањето кадар.
Причините за ваквата состојба се анализирани и во извештајот на Европската фондација за обука (ЕТФ), објавен во мај 2026 година, под наслов „Вештини и миграција на пазарите на труд што се менуваат“.
Во анализата за Македонија се посочуваат сериозниот одлив на образован и квалификуван кадар, како и неусогласеноста меѓу знаењата и вештините што ги обезбедува образовниот систем и реалните потреби на компаниите.
На континуираното иселување укажуваат и податоците на Прашкиот процес, според кои на македонски државјани им биле издадени 26.727 први дозволи за престој во земјите од Европската унија.
Истражување објавено во јули 2026 година во „ИнтекОпен“, спроведено на примерок од 401 додипломски студент во Скопје, дополнително укажува на изразената подготвеност на младите својата професионална иднина да ја градат надвор од Македонија.
Демографскиот пад, сепак, не е проблем само на Македонија, туку и на целиот регион на Западен Балкан.
Според економскиот преглед на француското Министерство за економија од 13 ноември 2026 година, шесте економии од Западен Балкан во изминатите две децении изгубиле речиси 2,5 милиони жители.
Вкупното население во регионот се намалило на 16,3 милиони жители, наспроти 17,9 милиони во 2016 година.
Работоспособното население на Западен Балкан во периодот од 2015 до 2023 година се намалило во просек за повеќе од 10 проценти, додека во 27-те земји членки на Европската унија падот изнесувал околу два проценти.
Прогнозите на Обединетите нации, цитирани од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), покажуваат дека до 2050 година Западен Балкан би можел да изгуби уште околу 2,8 милиони жители, со што вкупното население би се намалило на приближно 13,9 милиони.
На демографските и економските предизвици предупредува и Светска банка во својот Пролетен економски извештај за Западен Балкан, објавен на 29 април 2026 година.
Според Светска банка, регионот се соочува со растечки недостиг од работна сила, а поголемото вклучување на неактивното население на пазарот на трудот е од суштинско значење за обезбедување долгорочен економски раст.
Во анализата за Албанија се посочува дека намалувањето на невработеноста не е резултат на отворање нови работни места, туку на намалување на расположливата работна сила поради иселувањето и стареењето на населението.
Слични предупредувања упатува и Унгарскиот институт за меѓународни односи, кој демографскиот пад и загубата на човечки капитал ги опишува како „тивок убиец“ на економската иднина на Западен Балкан.
Негативниот природен прираст, иселувањето, стареењето на населението, високата младинска невработеност и недостигот од квалификуван кадар претставуваат меѓусебно поврзани предизвици за долгорочниот економски и демографски развој на Македонија.
