Жителите на Крива Паланка денеска повторно ќе излезат на протест поради долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на добитокот, барајќи од надлежните институции итни и конкретни мерки за заштита на нивната безбедност, приватниот имот и земјоделските површини.
Вториот мирен граѓански протест е закажан за 11 часот на магистралниот пат кај Градечки мост, спроти Градскиот парк, под мотото „За безбедност, за заштита на имот и за спроведување на законот!“.
Организаторите бараат трајно решавање на проблемот, ефикасно спроведување на законските прописи и координирано постапување на сите надлежни институции.
„Потребни се дела, јасни рокови и резултати“, порачуваат организаторите, нагласувајќи дека жителите со години се соочуваат со материјални штети, опасности и неизвесност поради слободното движење на добитокот.
Од Општина Крива Паланка ги повикаа медиумите да го проследат протестот, кој претставува продолжение на граѓанските барања за заштита на семејствата, имотот и безбедноста на локалното население.
Во меѓувреме, проблемот со кравите во Крива Паланка добива и собраниска димензија, откако група оштетени граѓани доставиле писмена претставка до претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кој воедно е претседател на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Според соопштението на Левица, Апасиев најавил дека случајот ќе биде разгледан пред надлежната собраниска комисија, со цел да се утврди одговорноста за долгогодишното непостапување на институциите.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, информираа дека на координативен состанок со надлежните институции биле утврдени конкретни активности за решавање на проблемот.
Предвидено е најпрво да бидат мапирани локациите на кои се наоѓа добитокот, по што животните ќе бидат пренасочени во казнено-поправните домови „Идризово“ и „Прилеп“. Разгледана е и можноста дел од добитокот да им биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, посочи дека со воспоставувањето механизам за институционална координација се создаваат предуслови за системско и трајно надминување на проблемот.
„Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, истакнал Серафимовски.
Во спроведувањето на Акцискиот план се вклучени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.
Предвидено е институциите да дејствуваат координирано, со континуирано следење на исполнувањето на преземените обврски.
Долгогодишниот проблем со кравите кои неконтролирано се движат низ Крива Паланка, предизвикувајќи штети и загрозувајќи ја безбедноста на населението, привлече внимание и во светските медиуми.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, претходно побара од Владата прогласување кризна состојба во траење од 30 дена и активно вклучување на надлежните институции.
Според Митовски, повеќе од 1.000 грла крупен добиток неконтролирано се движат низ Крива Паланка, уништуваат земјоделски насади, предизвикуваат штети на приватниот имот и претставуваат опасност за учесниците во сообраќајот.
И покрај најавените институционални активности, жителите денеска повторно ќе протестираат, барајќи конкретни резултати и трајно решение на проблемот со кој се соочуваат со години.
