Скопје доби нови специјализирани возила за одржување на комуналната хигиена, кои денеска беа промовирани од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Станува збор за механизација обезбедена преку проект реализиран со поддршка од Светска банка, која, според надлежните, ќе ги зајакне капацитетите за одржување на јавната хигиена и ќе овозможи побрзо и поефикасно собирање на отпадот.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека проблемот со сметот со години бил еден од најголемите предизвици за главниот град, нагласувајќи дека подобрувањето на комуналната хигиена било меѓу неговите први ветувања по преземањето на функцијата.
Тој најави дека Град Скопје паралелно со сопствени средства набавува дополнителни специјализирани возила, како и повеќе од 3.300 нови контејнери, при што постапката за нивна набавка е во завршна фаза.
Според него, обновувањето на механизацијата, новата опрема и подобрата организација ќе придонесат за почисти улици и поквалитетни комунални услуги за граѓаните.
Ѓорѓиевски порача дека одржувањето на чистотата мора да биде секојдневна обврска, а не повремена акција, изразувајќи благодарност до Владата, Министерството за транспорт и Светска банка за поддршката во реализацијата на проектот.
„Повеќе не е прашањето дали можеме подобро. Подоброто веќе го создаваме и граѓаните секојдневно ќе го чувствуваат. Скопје го правиме чист, достоинствен и повторно горд град“, истакна Ѓорѓиевски.
