Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше на регионалниот форум во Скопје посветен на локалното лидерство за млади, мир и безбедност, на кој се разговараше за унапредување на младинското учество во заедниците.
На форумот присуствуваа и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан, постојаниот координатор на ОН Рита Колумбија, директорот на НАЛАС Келменд Заза, како и градоначалници и претставници на локалните власти од Македонија и регионот.
Ѓорѓиевски порача дека институциите имаат обврска да ги слушаат младите и да им овозможат активна улога во процесите на одлучување.
„Нашата одговорност започнува со подготвеноста да ги слушнеме младите и да им дадеме вистински простор да учествуваат во одлуките. Нивните идеи, потреби и предизвици мора да бидат дел од политиките што ги создаваме“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека токму на локално ниво се гради довербата во институциите, чувството на припадност и сигурноста дека секој млад човек има еднакви можности.
Според него, потребни се активни младински совети, достапни младински центри и службеници за млади кои ќе бидат поврзница меѓу младите и локалната власт.
На форумот беше нагласена и важноста на соработката меѓу ЗЕЛС, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет на Македонија.
„Преку Мрежата на службеници за млади, размената на искуства и јакнењето на нивните капацитети, создаваме услови младинските иницијативи полесно да стигнат до институциите и да се претворат во конкретни дела“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот упати честитки до петте наградени општини од регионот, чии практики, како што посочи, покажуваат дека младинското учество може да придонесе за создавање помирни, побезбедни и посолидарни заедници.
Тој изрази благодарност до УНДП, НАЛАС и сите партнери за поддршката и заедничката работа во насока на поголема вклученост на младите во општествените процеси.
