Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Соединетите Американски Држави дека ги напуштаат меѓународно признатите дипломатски правила, со цел да ги остварат сопствените интереси, особено во доминацијата на енергетските пазари .
Во интервју за руската државна телевизија, Лавров изјави дека Вашингтон, во односите со Латинска Америка и Блискиот Исток, „го враќа светот во време кога меѓународното право не постоело“. Тој додаде дека САД „се грижат само за сопствената благосостојба“ и се подготвени да ја бранат со сите средства.
Според него, американската политика е насочена кон контрола на глобалните енергетски ресурси, посочувајќи ги Венецуела и Иран како примери каде што, како што тврди, станува збор за интерес поврзан со нафтата.
Лавров алудираше и на неодамнешни настани, вклучително и апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и убиството на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи во заеднички американско-израелски напади .
Тој исто така оцени дека САД ја оттурнуваат Европа од руските енергетски извори, потсетувајќи на притисокот врз европските земји да се откажат од гасоводот Северен тек и да го намалат увозот на руски гас.
„Ова не е пристап кон меѓународните односи. Ова е обид за враќање во колонијалната ера“, изјави Лавров, додавајќи дека Русија се соочува со обид да биде оттурната од глобалните енергетски пазари.

