Двокатен автобус на ЈСП „Скопје“ утрово се запали кај видиковецот на Средно Водно, при што густ црн чад беше видлив од повеќе делови на главниот град.
Според првичните информации, во моментот на избувнувањето на пожарот во автобусот немало патници, а нема ниту повредени лица.
Станува збор за автобус кој сообраќал на линијата 25 кон Средно Водно. Веднаш по пријавата, на местото пристигнале екипи на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, кои интервенирале за локализирање и гаснење на огнот.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека пожарникарите работат на целосно гаснење на автобусот и дека во моментов нема опасност пожарот да се прошири кон околната шума и вегетација.
Директорот на ЈСП „Скопје“, Саше Илиевски, потврди дека според првичните информации автобусот бил празен кога избувнал пожарот, со што е избегната поголема несреќа.
Причината за пожарот засега не е позната. По завршувањето на интервенцијата ќе следува увид, по што се очекува ЈСП, Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции да соопштат повеќе детали за околностите под кои дошло до инцидентот.
