Властите во Непал почнаа со привремено погребување на стотици неидентификувани жртви од катастрофалните поплави што уништија цели населени места во хималајскиот регион. Во катастрофата загинаа најмалку 800 луѓе, додека по уште околу 3.000 лица сè уште се трага.
Во округот Читван, во јужниот централен дел на земјата, телата се погребуваат во ровови кои ќе служат како привремени гробници до нивната идентификација. Некои од телата биле однесени од надојдената река Ботекоши стотици километри низводно од местата погодени од поплавите. Властите објаснуваат дека форензичката инфраструктура и капацитетите на мртовечниците не се доволни за толку голем број жртви.
Пред два дена привремено биле погребани околу 100 тела, а полицијата најави дека ќе земе ДНК-примероци од уште 50 жртви пред нивното погребување. Високата влажност и температурите дополнително ја усложнуваат ситуацијата бидејќи го забрзуваат распаѓањето на телата, а здравствените експерти предупредуваат и на ризик од ширење болести. Одлуката предизвика незадоволство кај дел од населението бидејќи во Непал, каде што мнозинството жители се хиндуси, починатите традиционално се кремираат. Семејствата на исчезнатите бараат властите да не ги погребуваат телата без нивна согласност и предупредуваат дека на жртвите мора да им биде овозможено достоинствено испраќање во согласност со верските обичаи.
Полицијата уверува дека станува збор исклучиво за привремени гробници и дека телата ќе можат подоцна да бидат ексхумирани доколку биде утврден нивниот идентитет. Непалското Министерство за надворешни работи соопшти дека постапката се спроведува во согласност со меѓународните протоколи за управување со последиците од големи катастрофи. Семејствата кои подоцна ќе ги идентификуваат своите блиски ќе можат да ги преземат телата и да ги извршат традиционалните погребни обреди.
