Американската крајбрежна стража потврди дека во Атлантскиот Океан се пронајдени пловечки остатоци од медицинскиот авион кој исчезна рано во саботата во водите кај островот Нантакет, во близина на брегот на Масачусетс.
Екипите од бродот на крајбрежната стража „Вилијам Спарлинг“, кој е стациониран во Бостон, пристигнале на местото и започнале со пребарување на остатоците со цел да се идентификуваат делови од леталото.
Станува збор за авион „Галфстрим Г100“ кој извршувал медицински транспортен лет од меѓународниот аеродром „Л.Ф. Вејд“ на Бермудите кон аеродромот „Логан“ во Бостон. Леталото исчезнало од радарот на Федералната управа за авијација (ФАА) непосредно пред планираното слетување околу 1:25 часот наутро.
Во авионот се наоѓале шест лица – двајца пилоти, двајца медицински работници, пациент од Бермудите и член на неговото семејство. Од компанијата „Латитуд Ер Амбуланса“ за „Канадиан Прес“ потврдиле дека четворица од патниците биле канадски државјани, но нивните имиња засега не се објавени.
По исчезнувањето на леталото била активирана спасувачка операција, а Федералната управа за авијација соопшти дека соработува со спасувачките центри и крајбрежната стража во потрагата.
Од крајбрежната стража информираат дека истрагата за причините за падот најверојатно ќе ја преземе Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД (NTSB) или канадскиот Одбор за безбедност во сообраќајот.
Засега нема официјални информации за судбината на лицата кои биле во авионот, а истрагата за околностите под кои дошло до несреќата продолжува.
