СДСМ бара целосна транспарентност од премиерот Христијан Мицкоски за најавените инвестиции во дата-центри и информации за компаниите со кои се водат разговори. Од опозициската партија реагираат на изјавата на Мицкоски дека Владата не се откажува од дата-центрите и дека постојат пет-шест потенцијални инвеститори. СДСМ тврди дека ваквата изјава отвора сомнеж дека веќе се водат или се постигнати договори „под радарот“, без јавноста да биде информирана за нивната содржина.
Партијата бара да се објави кои се инвеститорите, какви услови им се нудат и колкави количини вода, електрична енергија и земјиште би биле потребни за проектите. Според СДСМ, изградбата на вакви центри може да има последици врз расположливоста на водата за земјоделството и врз цената и потрошувачката на електрична енергија. Од партијата оценуваат дека инвестициите мора да бидат во интерес на Македонија и дека домашните ресурси не треба да се ставаат во функција исклучиво на профитот на приватни компании.
СДСМ тврди и дека дата-центрите сами по себе не претставуваат технолошки напредок за земјата доколку не носат конкретна додадена вредност за македонската економија и граѓаните. Оттаму го повикуваат Мицкоски јавно да соопшти со кои инвеститори се преговара и под кои услови би се реализирале најавените проекти.
