СДСМ обвини дека пратениците на Левица не присуствувале во собраниската сала за време на гласањето за предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра.
Од партијата наведуваат дека предлогот не добил поддршка и поради тоа што, како што тврдат, пратениците на Левица не биле присутни, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не гласале за предложеното зголемување. Од СДСМ додаваат дека во салата не биле ниту пратениците од ДУИ.
Според нив, за зголемување на минималната плата гласале само пратениците од СДСМ и коалицијата, како и пратеникот Миле Цеков.
„Уште еднаш се потврди дека СДСМ е единствената вистинска опозиција која се бори за работниците и граѓаните“, велат од СДСМ, обвинувајќи ја Левица дека декларативно се претставува како заштитник на работничките права, но не ги поддржала измените во Собранието.
Од СДСМ посочуваат дека гласањето се случило на Светскиот ден за пристојна работа и порачаа дека работниците имаат потреба од реално зголемување на приходите, а не само од политички пораки.
Партијата најави дека ќе продолжи да се залага за повисока минимална плата и подобрување на стандардот на работниците.
