Владата на премиерот Христијан Мицкоски подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог, тврди Андреј Жерновски, член на ИО на СДСМ и додаде дека нивните информации од Брисел зборуваат дека Владата веќе го договорила тоа.
-Се обидуваат да направат стратегија како да го прикажат како победа она што до вчера за нив беше лага и велепредавство. И целата таа стратегија за тоа што денеска се случува во овие простории, затоа што како поинаку ќе се објасни дека СДСМ бил во право? Ќе се објасни дека токму врз тие лаги дојдоа на власт, истакна Жерновски.
За Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денешната прес-конференција на СДСМ е уште еден обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста.
Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста. Факт е дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери. Овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена, соопшти МНР.
Оттаму додаваат дека нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата, а полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада.
