СДСМ побара јавно извинување од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски по одлуката на Јавното обвинителство во предметот поврзан со модуларната болница во Тетово, оценувајќи дека со тоа се потврдило оти нема основа за обвинувањата што со години биле насочувани кон претседателот на партијата и поранешен министер за здравство, Венко Филипче.
Од партијата велат дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски пет години воделе политичка кампања против Филипче, користејќи ја трагедијата во која загинаа 14 лица.
„Пет години ВМРО и Христијан Мицкоски ширеа лаги, конструкции и водеа политичка кампања против претседателот Венко Филипче со монструозни обвинувања за модуларната болница“, наведуваат од СДСМ.
Според партијата, со одлуката на Обвинителството е утврдено дека нема основ за кривична одговорност на Филипче.
„Јавното обвинителство јасно утврди дека нема основа за одговорност на д-р Венко Филипче, нема злоупотреба на службената положба, нема штета на Буџетот и нема никаков криминал“, соопшти СДСМ.
Од партијата оценуваат дека трагедијата и болката на семејствата на загинатите биле злоупотребени за политички цели, а против Филипче, како што велат, била водена долготрајна кампања со навреди и етикетирања.
СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски јавно да се извинат и на семејствата на жртвите.
„Да им се извинат на семејствата на загинатите чии болка и трагедија безмилосно ги користеа за дневнополитички поени. Да им се извинат и на граѓаните кои пет години ги лажеа и манипулираа“, се наведува во реакцијата.
Станува збор за став и политичка реакција на СДСМ по одлуката на Јавното обвинителство во предметот за модуларната болница.
