Американската армија вчера онеспособила трговски брод во Оманскиот Залив, кој, според Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), се обидувал да ја пробие американската блокада на иранските пристаништа.
Станува збор за трговскиот брод „Пацифик Арчер“, кој пловел под знамето на Палау и претходно испловил од иранското пристаниште Бандар Абас.
Според соопштението на ЦЕНТКОМ, екипажот на бродот добил повеќекратни предупредувања пред американски воен авион да изврши напад и да го онеспособи пловилото.
Американската војска не соопшти каков товар превезувал бродот, ниту која била неговата крајна дестинација. Во соопштението не се наведени ниту информации за евентуални повредени членови на екипажот.
Соединетите Американски Држави ја воспоставија поморската блокада на иранските пристаништа во април годинава. Таа беше привремено укината во текот на летото, во периодот кога се водеа мировни преговори со Техеран, но повторно беше воведена во јули.
Според податоците на американската армија, од повторното воведување на блокадата досега биле пренасочени 158 трговски бродови кон други поморски рути, додека пловилата што одбиле да ги почитуваат наредбите на американските сили биле онеспособени.
„Пацифик Арчер“ е најмалку петнаесеттиот трговски брод за кој е потврдено дека бил онеспособен од американската армија од почетокот на блокадата во април, како и шестиот по нејзиното повторно воведување во јули.
Претходниот ваков инцидент, според достапните информации, бил регистриран на 7 ноември.
