САД ги повлекоа сите свои стратешки бомбардери Б-1 од британската воздухопловна база „Ферфорд“, една недела откако беа уапсени неколку лица под сомнение за подготовка на терористички напади поврзани со објектот.
Во базата на британските Кралски воздухопловни сили, која се наоѓа северозападно од Лондон, претходно беа распоредени 12 американски бомбардери Б-1. Авионите беа користени и во американските воени операции против Иран.
Од Пентагон потврдија дека леталата се вратени во матичните бази во САД.
„Иако оперативната безбедност не ни дозволуваше во реално време да го потврдиме преместувањето на нашите сили и опрема, сега можеме да потврдиме дека сите американски бомбардери распоредени во ‘Ферфорд’ се вратија во своите матични бази во САД“, изјавил портпаролот на американското Министерство за одбрана.
Повлекувањето следува по изјавата на британскиот премиер Енди Барнам дека властите имаат „сериозни индикации“ за можно иранско учество во наводен заговор против базата. Техеран ги отфрли обвинувањата како неосновани и го повика британскиот амбасадор на разговори.
Весникот „Волстрит џурнал“ претходно објави дека американските бомбардери биле преместени поради безбедносни ризици поврзани со наводните терористички планови против објектот.
Британската влада претходно им даде одобрение на САД за користење на бомбардерите од „Ферфорд“ во нападите врз ирански ракетни позиции, за кои беше наведено дека биле користени во напади врз бродови во Ормутскиот Теснец.
