Потребна е промена на концептот и начинот на носење одлуките за тарифите за водни услуги и зголемување на цената за одржливост на јавните претпријатија и намалување на загубите на вода во Македонија. Тоа се дел од препораките на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ што вчера и денеска се одржува во Охрид во организација на АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски смета дека за намалување на загубите на вода од 63 отсто конечната цена да ја одредува Комисијата наместо како досега општинските совети.
– Тоа што јасно го предлагаме и ние и здружението АДКОМ е концептот и начинот на носење на одлуките за тарифите за водни услуги да се промени и наместо како што е досега Регулаторната да дава минимална и максимална цена, па понатаму преку советите да се определува конечната цена, јасно предлагаме тој товар да го реземе Регулаторната комисија за енергетика и да носи цена. На тој начин со нашите методологии, кои се поттикнувачки веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги, рече Бислимовски.
Според него, мора да се направи нешто во секторот за да не се доведеме до ситуација од земја богата со вода Македонија да има недостаток.
– Со АДКОМ ќе преземеме некои чекори и верувам дека во наредниот период ќе има процес на намалување на загубите, инвестиции кои се особено битни за водоводните претпријатија и сето тоа ќе доведе до подобра услуга до крајните корисници, наласи Бислимовски.
Директор на јавното претпријатие „Солидарност“ Виница, Игор Спасовски и член на АДКОМ истакна дека јавните претпријатија се на прагот на рентабилноста, голем број едвај врзуваат крај со крај, а за година-две рече оти ќе нема да можат да функионираат нормално.
– Ги плаќаме трошоците за енергија и нафта и за инвестиции не можеме ни да посмислиме. За реконстукција на водоводната мрежа, дигитализација, обнова, односно поставување смарт паметни водомери, не можеме сами потребна ни е помош, рече Спасовски.
Во однос на актуелните цени за водата за пиење која ја плаќаат корисниците, нагласи дека се под минималниот праг за рентабилно да работат.
