Западна Европа го забележа најтоплиот јуни откако постојат мерењата, покажуваат најновите податоци на европската служба за климатски промени „Коперникус“. Просечната температура во регионот изнесувала 20,74 Целзиусови степени, што е повеќе од три степени над просекот за периодот од 1991 до 2020 година. Кон крајот на месецот, силен топлотен бран урна температурни рекорди, предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија и затворање на училишта во повеќе европски држави.
Истовремено, јуни бил вториот најтопол месец досега регистриран на глобално ниво, а температурата на површината на светските мориња достигнала рекордни вредности за овој период од годината. Научничката Саманта Бурџес оцени дека овие податоци покажуваат колку длабоко се менува климата и предупреди на сè поголеми ризици за луѓето, екосистемите и инфраструктурата.
Во последните три месеци Западна Европа беше погодена од три силни топлотни бранови, а Шпанија и Португалија повторно се соочуваат со екстремно високи температури. Според националните власти, во Франција, Белгија, Шпанија и Холандија се регистрирани повеќе од 4.700 дополнителни смртни случаи поврзани со горештините, а се очекува конечниот број за Европа да биде уште поголем. Екстремните температури предизвикаа и големи шумски пожари на Пиринејскиот Полуостров и во Франција, како и дополнително влошување на сушата.
Светската метеоролошка организација наведува дека емисиите на стакленички гасови ја зголемиле просечната температура на планетата за околу 1,4 степени во однос на прединдустрискиот период. Научниците истакнуваат дека колку повеќе се затоплува планетата, толку почести и поинтензивни ќе бидат топлотните бранови.
Дополнителен фактор за високите температури на светските мориња е и климатскиот феномен Ел Нињо, иако експертите нагласуваат дека европскиот топлотен бран главно е последица на климатските промени. Податоците на „Коперникус“ се водат од 1940 година и се споредуваат со глобалните климатски записи кои датираат уште од 1850 година.
