Руските напади со дронови врз Киев продолжија и синоќа, додека украинската противвоздушна одбрана дејствувала над главниот град, соопштија украинските власти. Според „Киев индипендент“, неколку руски дронови биле соборени над градот, а силна експлозија го потресла центарот на Киев пред полноќ.
Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека како последица на нападите и падот на остатоци од соборените летала избувнале пожари во повеќе делови од градот. Во Дарницкиот реон избувнал пожар по пад на соборен дрон, додека во Соломјанскиот реон била зафатена површина под шума. Остатоци од дронови биле пронајдени и на две локации во реонот Холосиивски, според информациите на локалните власти.
Ова е петти последователен ден во кој Киев е изложен на интензивни руски напади со дронови, а во последните денови е регистриран и рекорден број воздушни тревоги. Украинските власти соопштија дека во руските напади во другите делови на земјата во изминатото деноноќие загинале најмалку седум лица, а 45 биле повредени.
