Албанската Влада започна со поставување интелигентни безбедносни камери во училиштата, како дел од пошироката стратегија за зголемување на безбедноста на учениците.
Премиерот Еди Рама соопшти дека првите 20 училишта во Тирана веќе се опремени со новиот систем, кој ќе биде проширен и во останатите образовни институции низ земјата.
Според Рама, одлуката за воведување на интелигентните камери е донесена по трагичниот инцидент во едно училиште во Тирана, каде што малолетник го загуби животот по тепачка со врсници.
„Тогашните камери не ни овозможија навреме да ја разбереме динамиката на настанот. Се обврзавме дека ќе ја подигнеме безбедноста во училиштата на највисоко технолошко ниво, а денес таа обврска почнува да се реализира“, изјави албанскиот премиер.
Новиот систем, кој е дел од проектот „Smart City“, користи интелигентна технологија што овозможува автоматско препознавање на потенцијално ризични ситуации.
За разлика од класичните видеонадзор системи, интелигентните камери испраќаат аларм во реално време до директорите на училиштата, службите за обезбедување и до државната полиција, овозможувајќи побрза реакција при инциденти.
Рама најави дека ваквиот систем постепено ќе биде инсталиран во сите училишта во Албанија.
„Овие 20 училишта се само почеток. Нашата цел е секое училиште да добие ваков систем, со технологија која ќе биде во служба на безбедноста на децата“, порача тој.
Покрај поставувањето на интелигентните камери, албанското Министерство за образование воведе и нови правила за сите основни и средни училишта.
Новото упатство предвидува задолжителен кодекс на облекување, забрана за користење мобилни телефони за време на наставата, ограничување на продажбата и употребата на нездрава храна, како и дополнителни мерки за подобрување на безбедноста во училиштата.
