Со инвестиција од 2,7 милиони евра се заврши првата поголема модернизација на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, кој денеска официјално ќе биде пуштен во употреба по реконструкцијата што започна во средината на јули. На свеченоста по тој повод ќе присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и извршниот директор на ТАВ Аеродроми, Серкан Каптан.
Во првата фаза е реконструиран патничкиот терминал, а чек-ин просторот е проширен за дополнителни 100 квадратни метри и бројот на шалтери е зголемен од шест на осум. Проширени се и зоните за безбедносна контрола и рачен багаж, просторот кај гејтовите, делот за подигање багаж и пасошката контрола, а реорганизиран е и паркингот пред терминалот.Предвидени се нова „duty-free“ продавница, нови ескалатори, како и современа опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.
Значително е проширена и административната зграда, чија површина од досегашните 290 се зголемува на 746 квадратни метри.
Во неа се сместени канцеларии на ТАВ Македонија, нови простории за Граничната полиција и Царината, ресторан и нов паркинг за вработените. Од модернизацијата на Охридскиот аеродром се очекува зголемување на неговите оперативни капацитети, но и создавање услови за поголем број патници и нови авиолинии.
