Македонската фудбалска репрезентација го прекина голгетерскиот пост, но не успеа да избегне пораз на гостувањето кај Шкотска, откако загуби со 2:1 во натпревар од Лигата на нации.
Единствениот погодок за Македонија го постигна Елмин Растодер, кој со својот првенец во националниот дрес донесе надеж дека нашиот тим може да стигне до позитивен резултат.
По натпреварот, младиот напаѓач не го криеше задоволството за првиот репрезентативен гол, но истакна дека жали што Македонија не успеала да освои барем еден бод во Глазгов.
„Горд сум што го постигнав првиот гол за Македонија, но штета што не успавме да стигнеме барем до еден бод. Одигравме добар натпревар, бевме подготвени, но понекогаш таков е фудбалот. Комбинацијата од корнер ја трениравме, јас истрчав на првата статива, Барди ја испрати токму таму топката и погодив со глава. Многу сум горд што постигнав гол за нашата држава. Тоа е мојата задача како напаѓач и ми дава дополнителна енергија да постигнам погодок и на следниот натпревар против Словенија“, изјави Растодер.
Македонската репрезентација веќе се насочува кон следниот предизвик во Лигата на нации. Во понеделник на арената „Тодор Проески“ во Скопје, избраниците на селекторот ќе ја пречекаат селекцијата на Словенија.
