Македонската фудбалска репрезентација го претрпе петтиот пораз во Лигата на нациите, откако на гостувањето во Глазгов беше поразена од Шкотска со 2:1.
И покрај поразот, натпреварот ќе остане запаметен по прекинот на долгата голгетерска криза на националниот тим. Македонија конечно ја затресе противничката мрежа по 844 минути активна игра и по речиси една година, односно 360 дена без постигнат погодок.
Шкотска поведе во 54. минута преку Џон Мекгин, кој ја искористи својата шанса и му донесе предност на домашниот состав.
Реакцијата на Македонија беше брза. Само три минути подоцна, по корнерот што го изведе Енис Барди, Елмин Растодер најдобро се снајде пред голот и го постигна својот прв погодок во репрезентативниот дрес за израмнување на 1:1.
Израмнувањето внесе дополнителна самодоверба во македонскиот состав, кој се обиде да стигне до позитивен резултат на тешкото гостување. Сепак, домаќините повторно ја презедоа иницијативата и во финишот од средбата добија пенал.
Одговорноста повторно ја презеде Мекгин, кој беше прецизен од белата точка и ги постави конечните 2:1 во корист на Шкотска.
Иако Македонија ја прекина долгата серија без постигнат гол, избраниците на селекторот останаа без бодови и со нов пораз го завршија гостувањето во Глазгов.
