Лицето кое беше снимено како од мост фрла отпад во реката Радика е идентификувано и санкционирано, информираа од Општина Дебар.
Случајот привлече големо внимание во јавноста откако спортското риболовно друштво „Трофта“ објави видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како маж со возило застанува на мост и фрла вреќи и кутии со отпад директно во реката.
По објавувањето на снимката, општинскиот инспекторат, во координација со останатите надлежни институции, започнал активности за утврдување на идентитетот на сторителот. По спроведените проверки, лицето било пронајдено и казнето согласно законските прописи.
Од Општина Дебар најавија дека контролите ќе продолжат и дека ќе бидат преземени мерки против сите кои го загадуваат природното богатство, јавните површини и животната средина.
„Секој кој ќе ја загадува Радика и околината ќе се соочи со соодветни санкции“, порачаа од локалната самоуправа.
