Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ги отфрли тврдењата на претседателот на Здружението на приватни гинеколози и акушери, д-р Георги Костадинов, оценувајќи дека во јавноста се создава погрешна слика за комуникацијата и подготвеноста на институцијата за дијалог.
Од ФЗО информираат дека на 28 октомври 2026 година била одржана работна средба меѓу д-р Костадинов, претставници на приватните гинеколози, генералниот директор на Фондот и стручните служби, на која биле разгледани отворените прашања и бил договорен натамошен тек на разговорите.
Според Фондот, на денешната средба, организирана за разгледување на предложените договорни решенија, наместо аргументирана расправа, претседателот на Здружението не понудил конкретни образложенија за своите ставови и ја напуштил средбата.
„Фондот смета дека ваквиот пристап не придонесува за решавање на отворените прашања. Преговорите се водат со аргументи и конкретни предлози, а не преку создавање погрешна претстава во јавноста“, се наведува во соопштението.
Во однос на барањето во договорите да бидат прецизирани видот, обемот и фреквенцијата на гинеколошките прегледи што се опфатени со капитацијата, од ФЗО посочуваат дека овие прашања се регулираат со законските и подзаконските прописи, како и со медицинските стандарди, а не преку поединечните договори со избраните лекари.
Од Фондот нагласуваат дека остануваат подготвени за понатамошен дијалог и предлагаат формирање заедничка работна група со претставници на Здружението на приватни гинеколози и акушери, која ќе ги разгледа доставените предлози и, доколку има потреба, ќе иницира измени на релевантните подзаконски акти.
„Фондот ги почитува приватните матични гинеколози како значаен дел од здравствениот систем и останува отворен за професионална соработка“, наведуваат од институцијата.
Од ФЗО порачуваат дека интересите на осигурениците, достапноста на здравствените услуги и почитувањето на законските прописи остануваат нивен највисок приоритет и дека јавните полемики не смеат да го заменат суштинскиот дијалог.
