Во собраниската Комисија за финансирање и буџет треба да продолжи расправата за ребалансот на Буџетот.
Со ребалансот се врши реалокација на средства меѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти, а се обезбедени дополнителни средства и за исплата на зголемени пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.
Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти.
Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент. Стапката на невработеност се очекува да се намали на ниво до 11,1 проценти во 2025 година, а стапката на вработеност да достигне 47 проценти.
Комисиската расправа по предлог ребалансот на Буџетот почна на 2 јули. За ребалансот поднесени се над 200 амандмани.
