Законот за пробација е во финална фаза на подготовка и претставува составен дел од пошироката реформа на казненото право, која опфаќа донесување нов Кривичен законик, нов Закон за кривична постапка и нов Закон за извршување на кривичните санкции, како дел од напорите за хармонизација на правниот систем со правото на Европската Унија, соопшти Академик Владо Камбовски на јавната расправа во МАНУ за нацрт законот за пробација.
Со Законот за пробација, воспоставуваме посовремена, поефикасна и поправедна рамка за третман на лицата кои се опфатени со пробациски мерки. Се зајакнува улогата на пробациската служба и се унапредува организациската поставеност на системот за извршување на санкции, истакна министерот за правда Игор Филков и додаде дека во новата правна рамка се вградуваат високи стандарди за човековите права.
Министерот посочи дека законот воведува единствен електронски регистар за пробациските предмети, проценка на ризик во текот на кривичната постапка по барање на суд или јавен обвинител, како и високи стандарди за заштита на човековите права. Посебен акцент, како што нагласи, се става и на заштитата на жртвите на кривични дела, преку конкретни обврски за пробациската служба и механизми за нивно навремено информирање и заштита.
Бројот на активни случаи во пробацијата е зголемен од околу 800 на над 1.000, а во земјава функционираат 11 пробациски канцеларии со 28/29 обучени пробациски службеници.
