Петнаесет лица се повредени во пожар што избувнал во болница во населбата Лихтенберг, во источниот дел на Берлин, соопшти германската полиција.
Според првичните информации, пожарот избувнал во болничка соба на првиот кат, а истрагата работи на сомневање дека пациент ја запалил постелата во својата соба.
Пожарникарите брзо интервенирале и го локализирале огнот, но густ чад се проширил низ дел од болничката зграда, поради што биле евакуирани повеќе оддели.
Во инцидентот 13 лица се здобиле со полесни повреди, додека медицинска сестра и пациентот кој се сомничи дека го предизвикал пожарот биле хоспитализирани поради вдишување чад. Медицинската сестра по укажаната лекарска помош била пуштена на домашно лекување, додека пациентот останал под медицински надзор.
Надлежните служби вршат увид и треба да ги утврдат точните причини и околности под кои избувнал пожарот.
