Во Владата денеска беа потпишани договорите со Европската Унија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, со што започнува третата фаза од финансирањето на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир на Коридорот 8.
За проектот преку Инвестициската рамка за Западен Балкан се обезбедени 149 милиони евра грант од Европската Унија.
Министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека Коридорот 8 е еден од врвните приоритети на Владата и најави втор меѓувладин состанок со Бугарија за изградбата на прекуграничниот железнички тунел.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека со потпишаните документи се обезбедува стабилна финансиска конструкција за
непречена реализација на проектот.
Според Владата, железничкото поврзување ќе придонесе за подобра регионална поврзаност, економски развој и побрза интеграција во европските транспортни коридори.
