Најмалку 19 лица загинаа, а уште десет се водат како исчезнати по обилните дождови, бури и лизгања на земјиштето што ги погодија делови од Индија и соседен Непал.
Во индиската сојузна држава Утар Прадеш, во последните 48 часа загинале 15 лица, а петмина биле повредени, додека оштетени се 117 куќи. Властите соопштија дека невремето зафатило 63 области, а количината на врнежи во период од 24 часа била значително над просекот за овој период.
Во Непал, четири лица, меѓу кои три деца и една жена, загинале откако свлечиште ја затрупало нивната куќа додека спиеле во селото Ниши Кола, во округот Баглунг.
Дополнително, десет работници исчезнале откако лавина го затрупала базниот камп на планината Химлунг Химал, висока 7.126 метри, во округот Мананг. Работниците поставувале шатори за странски планинари, кои во моментот на несреќата не биле во кампот.
Непалските власти издадоа предупредување за можни ненадејни поплави во 49 од вкупно 77 области. Поради зголемувањето на нивото на реките, повеќе делови од земјата се соочуваат со висок ризик од нови поплави.
Последиците од невремето се чувствуваат и врз инфраструктурата. Поплавите на реката Рахуганга оштетиле делови од далноводот на хидроцентрала со капацитет од 40 мегавати, а на терен е испратен технички тим за проценка и санација на штетите.
Во Индија, надлежните служби предупредија дека повеќе мерни станици на реките се во критична состојба. Реките Ганг, Гандак, Коси, Багмати и Нармада на повеќе места го надминале опасното ниво, што дополнително го зголемува ризикот од нови поплави.
Невремето предизвика и прекини во комуникациските врски во делови од Непал, откако биле оштетени оптички кабли и електроенергетската мрежа.
