Полицијата во Струмичко спроведе акција за откривање нелегална плантажа со канабис, по која се запленети околу 680 килограми стебла и се уапсени две лица осомничени за производство на наркотични дроги.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека станува збор за акција на која СВР Струмица работело подолг период, при што полициски службеници неколку дена престојувале на терен за да ја следат и документираат активноста.
„Морам да им се заблагодарам на полициските службеници кои неколку дена спиеја на нива за на крајот да дојдат до овој резултат. Станува збор за доста поголема количина марихуана, која била одгледувана на територија на СВР Струмица“, изјави Тошковски.
Од МВР соопштија дека до Основното јавно обвинителство Струмица е поднесена кривична пријава против З.М. (34) и А.Т.Г. (30), двајцата од општина Ново Село, поради сомнение за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Според пријавата, двајцата во скриен дел од парцела на местото викано „Матник“, во атарот на село Секирник, ја обработиле земјата, засадиле и одгледувале канабис.
Полициските службеници, со судска наредба и со техничка поддршка од Регионалниот центар за гранични работи Исток, презеле повеќе оперативни активности и истражни мерки, при што биле обезбедени докази за поврзаноста на осомничените со плантажата.
При акцијата биле одземени повеќе стебла канабис со различна висина, со вкупна тежина од околу 680 килограми. Од МВР информираат дека при службениот разговор, осомничените признале дека во мај годинава, откако обезбедиле семе, ја обработиле почвата и ги засадиле растенијата со цел производство на марихуана.
Тошковски посочи дека полицијата постапила веднаш по добиените оперативни информации и оцени дека станува збор за успешна акција во која биле обезбедени и доказите и лицата поврзани со случајот.
По поднесувањето на кривичната пријава, двајцата осомничени биле изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Струмица.
